Вештачката интелигенција (ВИ) има потенцијал да биде моќна алатка за унапредување на родовата еднаквост, но истовремено, доколку не се имплементира и користи соодветно може да претставува и значителен ризик и да придонесе во продлабочување на постоечките нееднаквости.
Современите ВИ системи имаат капацитет да обработуваат голем број на информации и да идентификуваат обрасци на нееднаквост во различни области, вклучувајќи ги платите, можностите за вработување, пристапот до образование и застапеноста во лидерски позиции. Нивната аналитичка моќ им овозможува подобро разбирање на родовиот јаз и креирање на поефективни политики за нивно надминување.
Користејќи напредните алгоритми за елиминирање на несвесните пристрасности, ВИ технологијата помага во создавањето на поправедни процеси за регрутација и селекција на кадри како и во процесот на вработување. Со аплицирање на ВИ системи при процесот на селекција, кандидатите се евалуираат исклучиво врз основа на нивните квалификации и способности, а не врз основа на нивниот род.
Сепак, постојат значителни предизвици и ризици поврзани со употребата на ВИ во контекст на родовата еднаквост. Еден од најсериозните проблеми е можноста ВИ системите да ги репродуцираат и засилат постоечките родови стереотипи и пристрасности. Бидејќи овие системи се обучуваат на историски податоци кои често содржат родови пристрасности, постои ризик од репродуцирање на овие нееднаквости во нови форми. На пример, алгоритмите за автоматско донесување одлуки можат несвесно да ги дискриминираат жените во областите каде што историски биле помалку застапени.
Подеднакво значајни се и етичките импликации на користењето на ВИ во контекст на родовата еднаквост. Се прават напори за поставување на етички рамки и механизми за надзор за ВИ системите со цел тие да се развиваат и користат на начин кој активно ќе ја промовира родовата еднаквост. Тоа значи транспарентност во алгоритмичкото донесување одлуки, редовна евалуација на влијанието врз различните родови групи и воспоставување на јасни механизми за одговорност.
Родовиот јаз во развојот на ВИ технологии
Родовите нееднаквости во контекст на вештачката интелигенција (ВИ) се манифестираат на неколку нивоа, почнувајќи од пристапот до технологија, застапеноста во технолошкиот сектор, па сè до начинот на кој ВИ системите се дизајнирани и користат. Една од најзначајните нееднаквости е недоволната застапеност на жените во развојот на ВИ технологии. Жените се сè уште маргинализирани во технолошките професии, а тоа резултира со недостаток на различни перспективи при дизајнирањето на алгоритмите што води кон создавање на системи кои несвесно ги репродуцираат па дури и ги засилуваат постоечките родови стереотипи.
Пристрасноста во податоците кои се користат за тренирање на ВИ системите е уште еден значаен проблем. Историските податоци често ги рефлектираат постоечките општествени нееднаквости, што значи дека алгоритмите можат да ги репродуцираат овие обрасци. На пример, системите за автоматизирано регрутирање можат да фаворизираат мажи за технички позиции ако податоците покажуваат дека во минатото мажите доминирале во овие улоги. Ова не само што ги ограничува можностите за жените, туку и го засилува циклусот на нееднаквост. Понатаму, жените често се соочуваат со ограничен пристап до дигитални ресурси и технологии, особено во земјите во развој што дополнително ги маргинализира жените и ги ограничува нивните можности за учество во економијата базирана на техничко знаење. Ваквата нееднаквост директно влијае врз нивната способност да се вклучат во развојот и користењето на ВИ технологии.
ВИ системите често се користат за автоматизирање на процеси кои директно влијааат врз жените, како што се здравствените услуги, образованието и социјалната заштита. Ако овие системи не се дизајнирани да бидат родово сензитивни, тие можат да ги игнорираат специфичните потреби на жените. На пример, алгоритмите за здравствена дијагностика можат да бидат помалку точни за жените ако не се обучени на податоци кои ги вклучуваат нивните биолошки и социјални спецификации. Поради тоа се вложуваат напори за зголемување на родовата инклузивност во технолошкиот сектор, подобрување на квалитетот и разновидноста на податоците и развој на етички рамки.